English French German Italian Portuguese Russian Spanish

“ЕДЕН“ упатува повик за соработка до оние читатели на сајтот кои поседуваат интересни информации, истражуваат и имаат сопствено мислење за теми кои се обработуваат на овие страници или пак имаат преводи на македонски од статии објавени на други сајтови, блогови, часописи... да земат учество во понатамошното креирање и развивање на сајтот. Администраторите ќе ги разгледаат пристигнатите материјали и ќе ги објават оние кои се во склад со информациите кои веќе се нудат, а авторите или преведувачите кои ќе бидат најактивни ќе добијат своја рубрика и статус на уредници на истата. За повеќе информации или испраќање на материјалите контактирајте го администраторот на еден...

Принципите на спиритуалната еволуција Picture PDF Печати Е-пошта
Ниво на корисникот: / 1
НајлошоНајдобро 
Напишано од Administrator   
Вторник, 03 Март 2009 16:01

 

 

Спиритуалната еволуција говори за растот на битието, за постојаното зголемување на интензитетот на светлината на божествената искра - која е  вашата свест. Знаењето е најважниот камен темелник во тој процес, но само темелот не ја чини градбата. Ако не е проследено со другите принципи, како што се љубов и верба, знаењето стагнира и не ја постигнува својата цел.

 
Напредокот бара свесна примена на неколку групи синергични принципи на избалансиран начин. Тоа се следниве групи: знаење/свесност/мудрост, вера/надеж/љубов и скромност/трпеливост/леснотија. Отсуството или маргинализирањето на било кој од овие принципи или го корумпира или го запира процесот.

Ќе се обидам да го дефинирам секој од овие принципи во границите на практичното, како би можеле да ги модифицирате за себе.

 
Знаењето се стекнува со свесна рефлексија и интеграција на искуства, опсервации и мисли. Свесната рефлексија е она што ја разликува меморијата од разбирањето, разбирањето има потреба од меморија, меморијата нема потреба од разбирање. Знаењето ги вклучува обете, него не го чинат само факти, туку и разбирање на објективната вистина.

Свеста е внимание насочено кон сегашниот миг, применето во контекст на претходното знаење. Знаењето ја проширува свеста нагласувајќи аспекти на реалноста кои претходно не биле воочени. Поголема свест носи пошироко поле на перцепција, поостар фокус, живост и поголема способност при стекнувањето нови знаења и примена на веќе наученото.


Мудроста го надминува линеарното време и се однесува на разбирање на апсолутните метафизички вистини. Таа ги поврзува нашето минато, сегашност и иднина без грешка. Мудроста е разбирање на божествените принципи, на односот помеѓу себеси и останатите во Креацијата. Тоа е знаење проткаено со љубов или љубов проткаена со знаење.


Вербата е доверба дека во Креацијата сите работи се возможни. Таа е суспензија на недовербата. Таа делува онаму каде знаењето се исцрпува. Додека знаењето застанува покрај секој амбис, вербата поставува мост преку него. Додека знаењето го прочистува претходното знаење, вербата го проширува. Едноставно речено, знаењето е детерминистичко, вербата е не-детерминистичка. Проширувањето на знаењето бара стапнување во непознатото, чин кој знаењето го смета за ирационален, а вербата за неопходен. Премостувањето на парадигмите бара верба – не слепа верба во нешто што човекот го избрал како би постанал игнорантен за се останато, туку чиста верба во она што сеуште не може да се осознае.


Надежта е знаење дека во Креацијата сите работи се возможни. Таа е помирување помеѓу вербата и знаењето, сознание дека да се има верба на човекот му овозможува постигнување на невозможното. Надежта е доверба во не-детерминизам, слобода од оковите на  условеноста. Таа не проистекува од игнорирање на фактите, туку од спознавање на повисоките вистини, демонстрирани преку искуствата за чудата.


Љубовта  е вибрација на бесконечната вистина. Она што резонира со љубовта, се усогласува со Креаторот. Да се гледа со љубов значи да се гледа со очите на Креаторот, перспектива избрана како би се гледало без предрасуди, нетолеранција, незаинтересираност или сепарација. Со љубовта сите работи се возможни, зошто се што потекнува од Креаторот се разбира, допушта, прифаќа и простува. Да се чувствува љубов значи да се чувствува радост заради сеќавањето за божественото единство на севкупната егзистенција и спознавање, внатре во нас и пред нас. Да се сакаат другите значи препознавање на заедничката божествена искра во нив и грижа за нивната спиритуална еволуција како и за својата. Тоа е емпатија без сожалување.


Скромноста е поседување свесност за сопствениот однос кон конечното и бесконечното – дека се што почнува има крај и дека секое битие, без разлика на рангот, е бесконечно мало во рамката на бесконечната Креација. Скромноста не стои во врска со омаловажувањето или преувеличувањето на себеси, како што тоа го прави егото, туку познавање на своето место во бесконечната шема на работите. Тоа значи да се избере вистината пред егото, стварноста пред само-важноста. Скромноста започнува со благодарност, став кој ви допушта да ја осознаете вистината без гнев, со благодарност за секоја можност за учење која ќе ја примите.


Трпението е знаење дека за секоја работа постои вистинско време. Тоа изградува толеранција во тешки ситуации и дава сила да се дочекаат работите кои сеуште не пристигнале. Вратата на можностите се отвора кога ќе дојде вистинското време. Да се има трпение значи усогласување со пулсот на синхроницитетите; а не обид со сила да се отвори вратата. Треба да се одбере отворената врата како би поминале низ неа, а не со сила да ја пробиваме. Тоа бара верба работите да се остават да си слегнат на своето место и бара свест за искористување на можностите кога ќе се појават.  


Леснотијата е поврзана со смислата за хумор и пристапот кон животот со лесно срце. Без тоа, ја преценувате реалноста на илузијата. Леснотијата ја поставува ситуацијата во својот вистински контекст, божествена рамка во која се е – учење на лекциите, а учењето е забавно. Можете да му се смеете на она што некогаш ви делувало сериозно, зошто сте ја научиле својата лекција и сте ја сфатиле нејзината цел во вашиот живот. Леснотијата е избор тој хумор да не се види само во минатите искуства, туку и во сегашните и идните.

Овие три групи го чинат минимумот за стабилна спиритуална еволуција. Секој принцип во една група ги подржува другите два, секоја група ги балансира другите две групи. Тоа креира целина поголема од збирот на нејзините делови. Балансираната структура нуди оптимален пат кон акумулирање на мудрост, зголемување на слободната воља и манифестирање на спиритуалниот потенцијал. Со тој баланс животот станува лесен или во најлош случај предизвик, но никогаш борба.

 


Последици на дисбалансот



Неизбалансираната или делумна конфигурација го успорува напредокот и креира можност за негова корупција. Болката, обесхрабрувањето, битките или депресијата, кои се јавуваат како резултат, ве опоменуваат на она што бара ваше внимание. Лесно е да се види што еден или друг принцип можат да донесат. Знаењето без скромност води кон интелектуална ароганција, а скромноста без знаење кон само-оспорување. Леснотијата без верба станува нервозно смеење, вербата без леснотија станува антиципација. Вербата без знаење води кон лудост, а знаењето без верба стагнира. Кога сами ќе ги разгледате останатите комбинации, би требало да ви стане јасно колку е секој од принципите важен за целината.

Зградата се руши ако е изградена врз слаби темели. Пропаѓање на многу организации, поединци или системи на верување може да уследи заради дисбалас или изоставување на некој од овие принципи. Дисбалансот разорува или по пат на природен процес на имплозија или преку подложност на напад, развиен од страна на негативните сили кои имаат интерес да го успорат или корумпираат процесот на еволуција кај сите оние кои се под нивно влијание. Секој кој е на мета на негативните сили би си направил добро кога би тежнеел кон баланс колку што е можно повеќе, зошто тоа ќе му осигура јакнење и напредок без многу опструкции.

 


Животни искуства и учење на лекциите



Постои потежок и полесен начин да се научи некоја лекција, а пропуштената животна лекција се повторува на алтернативни начини. Лекциите стануваат онолку болни и тешки колку што е тврда нечија глава, така што игнорантноста гарантира драстични искуства. Поседување свесна воља вистината да се согледа што е можно порано – го убрзува и ублажува овој процес, често елиминирајќи ја потребата од непријатни искуства, кога умот е поотворен за суптилните верзии на лекциите.

Воопштено говорејќи, целта на животните лекции е да послужат како катализатор за раст на битието и за зголемување на душевната сила.


Во нашиот случај, тоа често бара искуства исполнети со емоции, зошто емоциите осигуруваат вид на енергија која го забрзува или успорува она што сме способни да го направиме, во зависнот од тоа како ја користиме. Без тој поттик ние би пружале отпор кон надминувањето на ограничувањата или истражувањето на ново тло, заради тоа што нашата мотивација би зависела исклучиво од старите начини на делување. Ефективното користење на емоциите во искуството на учење ја зголемува душевната сила и го проширува знаењето, а потоа, кога ќе се сретнеме со слични искуства во иднина, не  е потребно ништо друго освен новостекнатото искуство да се искористи како мотивација. Од друга страна, емоциите можат да го успорат напредокот, ако го ограничуваат она што верувате дека можете да го направите.


Научете да ги одвоите емоциите кои ве ограничуваат од оние кои ве отвораат кон нови можности. Вредноста на позитивните и негативните емоции зависи од тоа што ќе направите со нив. Позитивната емоционална енергија може да се употреби директно и знаењето да се стави во акција.

 


Улогата на негативните емоции

 


За да биде од било каква полза, емоционалната енергија мора да се трансформира во позитивна по соочувањето со вистината. По конфронтацијата со шокантната вистина, личноста обично ги доживува негативните емоции како прва ненамерна реакција. Во тие случаи негативните емоции служат како аларм за будење кој грубо го буди заспаниот ум. Но, откако ќе се разбудиме, нема потреба алармот и понатаму да ѕвони.


Одржувањето на состојбата на негативен емоционален шок подолго отколку е неопходно, попрво е избор отколку ненамерна реакција. Тоа би било како да се држи часовник на главата во текот на целиот ден и непрекинато да се слуша неговото отчукување. Зарем некој би го правел тоа? Можеби жалбите заради болката предизвикуваат симпатии кај другите, можеби страдањето прави некој да се чувствува како маченик ,тоа е можеби аларм или можеби, со оглед на тоа дека часовникот ве буди наутро, треба да продолжи да ве буди секоја секунда во текот на целиот ден, зарем не? На крајот, тој став ќе ве изложи на стрес, ќе ве направи уморни и глуви.


Препуштањето на негативни емоции води кон стагнација и ментална жртва. Тие наместо тоа, треба да бидат трансформирани во позитивна емоционална енергија одпочеток соединета со вистината која првобитно ја предизвикала, така што подоцна ќе може корисно да се употреби. Свесното увидување на вистината во контекст на нејзината божествена смисла е патот кон неа, како избор вистината да се види и да се примени со став на љубов, скромност и леснотија. 


Се додека негативните емоции можат да мотивираат акција, таа акција ќе биде далеку од непогрешива. Знаењето комбинирано со позитивни емоции му овозможува на човекот постигнување на истото, акција со многу поголема ефикасност, сигурност, прецизност и вештина.

 


Три степени на учење на лекциите



Со ова на ум можеме да видиме дека постојат три чекори за успешно учење на лекциите. Првото скалило и претходи на лекцијата и се однесува на игнорантното блаженство, ранлива состојба на емоционална позитивност, која останува таква зошто е непопречена од вистината. Второто скалило е негативниот емоционален шок кој настапува по спознавањето на вистината. На третото скалило е трансформираната негативна емоција, а резултатот е позитивна емоција соединета со вистината. Третиот степен, позитивната свесност е појак од првиот и поефикасен од вториот.


Позитивните емоции ве отвораат кон напредок и свесноста ви ја покажува секоја замка која треба да се избегне. Не само сфаќањето на вистината, туку нејзиното согледување во контекст на метафизичкото значење е првиот чекор во трансформирањето на негативната во позитивна енергија.


Симболично, вистината е меч кој во темнината само сече, но изложен на светлината емитира зрачење кое штити од опасности. Игнорантното блаженство невооружано излегува на сонце. Мечот на вистината е најден во долината на темнината и очајот. Тој мора да биде изнесен од таа долина на светлината на сонцето како би ја развил сета своја моќ.


Меѓутоа, доколку вашето срце гори со верба и љубов кон вистината, мечот ќе биде набиен со енергија од оваа внатрешна светлина дури и во темнината на долината, овозможувајќи така сигурен излез на светлината на сонцето. Ако се загубите во оваа долина без тоа внатрешно светло, тоа може да ве втурне директно во битка против ентитетите кои живеат таму...и можеби да ве преобрази во еден од нив.



Штетни негативни емоции



Негативните емоции не и служат на некоја важна цел кога не ги следи вистината. Вревата на алармот, кога веќе одамна сте станале од креветот, заморува и ве одвојува од секојдневните должности. Оваа метафора се манифестира на различни начини. Еден пример е опсесивноста, вложување енергија без повраток на знаење или добивање на знаење. Ако некој се наоѓа непрестано во безнадежност на некоја понижувачка ситуација, негативната емоционална енергија што се генерира е потполно бескорисна. На заглавениот автомобил, чии тркала се вртат во место, ќе му се расипе и моторот.

Друг пример на штетни негативни емоции е оној кој е директно индуциран од страна на негативните сили како дел од психички напад со цел – поткопување на вашата верба и нарушување на хармонијата на духот. Ова се случува многу често помеѓу трагачите по вистината, зошто тие се примарната мета. Иако вистината може да биде шокантна, во интерес на овие сили е да се зголеми и одржи оваа негативна состојба, зошто тоа не само што го забавува, туку можно е и да го загрози езотеричкиот напредок. Неопходно е да се отиде надвор од нивниот дофат, инаку се креира залиха на негативна енергија со која овие сили се хранат. Овие видови на негативна енергија попрво ја обојуваат вистината отколку што се соочуваат со неа.

Изборот да се подлегне на негативноста ја слабее спиритуалната флексибилност, создава дисбаланси и им ја отвора вратата на понатамошните можности за подлабоки напади. Продолжувањето на тој постепен процес на слабеење завршува со успешно оневозможување на трагачот по вистина. Секој дисбаланс во принципите на езотеричниот развиток ја привикува таа можност, особено ако дисбалансот настанал след недоволно знаење, љубов и скромност. Заради тоа, пазете се особено од игнорантноста, опсесивната негативност и самовеличењето, зошто тие ја отклучуваат вратата на замките и ја привикуваат опасноста.



Заклучок



Кога ќе го прочитате ова, имајте на ум дека разборитоста е неопходна за флексибилна примена на насоките. Таа претставува примена на слободната воља, примена на знаење и мудрост на избалансиран начин, како би се соочиле со единствените прилики.


Верувањето дека еден извор на знаење ја содржи комплетната вистина или прилепување за било кој ригиден систем на верување ја маргинализира улогата на разборитоста и со тоа го прави човекот лесен за контрола и манипулација и подложен кон скршнување од патот.


Знаењето, свеста и мудроста го чинат градежниот материјал на спиритуалната еволуција. Верата, надежта и љубовта го сместуваат на линија со божествената шема. Скромноста, трпеливоста и леснотијата претставуваат врзиво кое на ѕидот му дава цврстина. Сите се неопходни и нивните улоги мораат да бидат избалансирани. Трагајте со љубов и разбирање по вистината и  убавината во сите свои средби.

 

 

 


Текстот е преведен од :
http://montalk.net/

Последно освежено ( Среда, 04 Март 2009 14:52 )
 

Додади го твојот коментар

BoldItalicUnderlineStrikethroughSubscriptSuperscriptImageOrdered listUnordered listQuoteCode
Happy smileyVery happy smileyWinking smileyOh my God !Smiley with tonque outHot smileySad smileyCrying smileyShocked smileyBe Right BackAshamed smileyConfused smileyI dont knowThinking smileyEye-rolling smileySleepy smileyDon't tell anyoneBaring teeth smileyParty SmileySick smileyAngry smileyDevilAngelNerd smileySarcastic smileySecret tellingThumbs upThumbs downClapping handsFingerscrossedLeft hugRight hugBoyGirlMessengerHeartBroken heartRoseWilted roseKissGiftBirthday cakeCigaretteHandcuffsBeer mugDry martiniI'mMoonStarSunRainbowUmbrellaIslandRainStormDinner plateBowlPizzaCoffee cupCatDogBatGoatSnailTurtleSheepFilmstripNoteE-mailCameraLightClockTelephone receiverComputerMobile phoneXboxSoccer ballAutoAirplaneMoneyFilmFilm LinkSoundPictureExclamationRss
Вашиот псевдоним:
Вашата адреса за електронска пошта:
Предмет:
Коментар: