English French German Italian Portuguese Russian Spanish

“ЕДЕН“ упатува повик за соработка до оние читатели на сајтот кои поседуваат интересни информации, истражуваат и имаат сопствено мислење за теми кои се обработуваат на овие страници или пак имаат преводи на македонски од статии објавени на други сајтови, блогови, часописи... да земат учество во понатамошното креирање и развивање на сајтот. Администраторите ќе ги разгледаат пристигнатите материјали и ќе ги објават оние кои се во склад со информациите кои веќе се нудат, а авторите или преведувачите кои ќе бидат најактивни ќе добијат своја рубрика и статус на уредници на истата. За повеќе информации или испраќање на материјалите контактирајте го администраторот на еден...

ВОЛШЕБНА КУЈНА Picture PDF Печати Е-пошта
Ниво на корисникот: / 5
НајлошоНајдобро 
Напишано од Administrator   
Сабота, 29 Август 2009 22:34

Замислете си дека во својот дом имате волшебна кујна. Во таа волшебна кујна может во секој миг да го добиете секое количество храна, од кој било дел на светот. Вие постапувате со таа храна многу великодушно и безусловно им ја делите на другите, без да барате од нив ништо за возврат. Му ја давате на секој што ќе дојде кај вас, од обично задоволство, и вашата куќа е секогаш полна луѓе што даоаѓаат да уживаат во храната од вашата волшебна кујна.

Еден ден некој тропнува на вашата врата носејќи в раце пица. Вие ја отворате вратата, а таа личност ве погледнува в очи и вели: „Ја гледаш ли пицава? Ќе ти ја дадам ако ми дозволиш да го контролирам твојот живот, ако правиш се што ќе побарам од тебе. Никогаш нема да бидеш гладен зошто јас секогаш ќе ти носам пици. Само мораш да бидеш добар кон мене.“

Можете ли да ја замислите својата реакција? Во својата кујна можете да ја имате истата пица – па и подобра. Па сепак, таа личност тропа на вашата врата и ви нуди храна, под услов да направите се што ќе бара таа од вас. Ќе се насмеете и ќе речете: „Не, благодарам! Не ми треба твојата храна: јас имам доволно храна. Можеш да дојдеш кај мене и да јадеш колку сакаш, и тоа без никакви услови. Немој да мислиш дека ќе го правам тоа што го бараш од мене. Никој не може да манипулира со мене со помош на храна.“

Сега замислете си сосем обратна ситуација. Веќе неколку недели не сте каснале ни залак храна. Гладни сте, а во џебот немате ни скршена пара. Истата личност доаѓа на вашата врата со пица и вели: „Гледај, имам храна. Ќе ја добиеш ако правиш тоа што барам.“ Вие го чувствувате мирисот на храната и прифаќате се што бара од вас таа личност. Кога ќе ја изедете пицата, таа личност ви вели: „Ако сакаш уште, ќе добиеш, но мораш да го правиш тоа што велам јас.“

Денес сте добиле храна, но утре можеби нема да добиете, и затоа се согласувате со се само да ја добиете. Поради таа храна може да станете нечиј роб, зошто таа ви е потребна, а вие ја немате. По извесно време станувате подозриви. Си велите: „Што да правам ако утре не добијам пица? Не можам да живеам без неа. Што ако мојот партнер реши да му ја даде на некој друг – мојата пица?“

Сега замислете си дека место за храна зборуваме за љубов. Вашето срце е полно љубов. Вие сте полни љубов не само кон себе туку и кон целиот свет. Ја имате  толку многу што не ви е потребна ничија љубов. Својата љубов ја давате безусловно; од никој не барате да ги исполни вашите услови. Вие сте вистински љубовен милионер, а некој ви тропнува на вратата и ви вели: „Еј, имам малку љубов за тебе. Можеш да ја добиеш мојата љубов ако направиш тоа што ќе ти речам.“

Во ситуација кога сте полни љубов, каква ќе биде вашата реакција? Ќе се насмеете и ќе речете: „Благодарам, но не ми треба твојата љубов. Имам исто толку и уште многу повеќе љубов во своето срце и ја давам безусловно.“

Но што ќе се случи во ситуација кога сте гладни за љубов, ако ја немате во своето срце и ако тогаш некој ви рече: „Сакаш ли малку љубов? Можеш да ја добиеш мојата љубов ако го направиш тоа што барам од тебе.“ Ако сте гладни за љубов, а го почувствувате нејзиниот вкус, ќе сторите се што можете за да дојдете до неа. Вашата желба за љубов може да биде толку силна што ќе си ја продадете и душата само за малку внимание.

 

 

Вашето срце е како волшебна кујна. Ако го отворите срцето, ќе ја имате сета љубов што ви е потребна. Нема никаква потреба да одите наоколу и да питате за љубов: „Те молам, сакај ме. Толку сум осамен и не сум достоен за љубов; ми треба некој да ме сака, да ми докаже дека заслужувам љубов.“ Сите ние ја носиме љубовта во себе, но не ја гледаме.

Гледате ли колкава драма прават луѓето кога мислат дека немаат доволно љубов? Тие се гладни за љубов и, кога ќе добијат само еден залак љубов од некој друг, кај нив се создава очајничка потреба. Почнуваат опсесивно да копнеат за таа љубов. Тогаш настанува страшна драма: „Што ќе биде ако ме остави?“ „Како ќе живеам без него/неа?“ Тие не можат да живеат без својот дилер, без оној што им ја обезбедува дневната доза дрога. А бидејќи се гладни, во замена за тој мал залак љубов им дозволуваат на други да им го контролираат животот. Им дозволуваат на други да им кажуваат што да прават или да не прават, како да се облекуваат, како да се однесуваат, во што да веруваат. „Ќе те сакам ако се однесуваш на определен начин. Ќе те сакам ако ме оставиш да ти го контролирам животот. Ќе те сакам ако бидеш добар кон мене. Ако не, нема ништо од тоа.“

Проблемот со луѓето е во тоа што тие не знаат дека во своето срце имаат волшебна кујна. Сето страдање настанало само затоа што уште одамна сме ги затвориле срцата и веќе не ја чувствуваме љубовта што ја носиме во нив. Во определен миг во својот живот сме почнале да се плашиме од љубовта зошто сме поверувале дека љубовта не е фер. Љубовта боли. Сме се обиделе да бидеме доволно добри за некој друг и не сме успеале во тоа. Веќе сме имале две–три врски и неколкупати сме доживеале некој да ни го скрши срцето. За нас претставува премногу голем ризик да сакаме пак.

Се разбира, ние толку строго си судиме себеси што не сме во состојба сами да се сакаме себе. А кога немаме доволно љубов за себе, како би можеле да имаме за некој друг?

Кога ќе влеземе во нова врска, стануваме себични зошто сме гладни за љубов. Јас па јас. Толку сме себични што сакаме и другата личност со која сме во врска да биде гладна исто колку нас. Сакаме да му бидеме „потребни на некого“ само за да го оправдаме своето постоење, за да почувствуваме дека имаме причина да живееме. Ние веруваме дека бараме љубов, но всушност бараме само „некој на кој сме му потребни“, некој што ќе можеме да го контролираме.

Во меѓучовечките односи најчесто доаѓа до судири околу преземањето на контролата, зошто сме дресирани така да се натпреваруваме за контрола на вниманието. Она што ние го викаме љубов – на некого сме му потребни, на некого сме му важни – не е љубов; тоа е себичност. Како би можело да функционира тоа? Себичноста не може да функционира, зошто во неа нема љубов. Во таква врска двете страни се гладни за љубов. Во текот на сексуалниот однос ќе почувствуваат делче од љубовта и стануваат зависни од неа зошто толку многу копнеат за неа. Но веднаш се јавуваат севозможни осуди. И страв. Вина. И драма.

Тогаш почнуваме да бараме совети во врска со љубовта и сексот. Толку многу книги се напишани за тоа, а сите тие би можеле да се наречат: „Како да бидете себични во сексот“. Намерите се добри, но каде е тука љубовта? Тие книги не не учат на љубовта; љубовта не може да се научи. Се е веќе во нас, во нашите гени, во нашата природа. Не треба да учиме ништо друго освен она што сме го измислиле сами во овој свет на илузијата. Ја бараме љубовта надвор од себе, а љубовта е секаде околу нас. Љубовта е насекаде, но ние не ја гледаме. Нашето емоционално тело не ги чувствува вибрациите на љубовта.

Се плашиме од љубовта зошто таа не е безбедна. Не мачи страв од отфрлање.Мораме да се преправаме дека сме нешто што не сме; сакаме партнерот да не прифати, иако всушност ни самите не се прифаќаме. Проблемот е во тоа што ние се отфрламе себеси затоа што сметаме дека не сме доволно добри, затоа што веруваме во тоа.

Самоотфрлањето е најголемиот проблем. Никогаш нема да бидете доволно добри во своите очи, зошто претставата за совршенството е сосем погрешна. Тоа е лажен концепт; не е ни малку реален. Но вие верувате во него. Бидејќи не сте совршени, се отфрлате себеси, а нивото на самоотфрлањето зависи од тоа во колкава мера возрасните успеале да го нарушат вашиот интегритет.

Откако ќе поминете низ дресура, веќе не се работи за тоа дека треба да бидете доволно добри за некој друг. Вие веќе не сте доволно добри ни за себе, зошто големиот Судија е секогаш тука и ве потсетува дека не сте совршени. Како што веќе реков порано, никогаш не можете да си простите затоа што не сте онакви какви што би сакале да бидете, и тоа е вистинскиот проблем. Ако можете да го измените тоа, тогаш можете да ја преземете одговорноста за својата половина од односот. Другата половина не е ваш проблем.

Ако му кажете на некого дека го сакате, а тој одговори: „Па јас тебе не те сакам“, дали треба да страдате поради тоа? Тоа што некој друг ве отфрла не значи дека треба да се отфрлите себеси. Ако една личност не ве сака, некоја друга ќе ве сака. Секогаш постои некој друг. Но подобро е да бидете со некој што сака да биде со вас отколку да бидете со некој што мора да биде со вас.

Морате да се концентрирате на најдобриот однос што можете да го имате: односот кон себе. Тука не се работи за себичност; се работи за љубов кон себе. Тоа не е исто. Себични сте кога немате љубов кон себе. Морате да се засакате себеси и таа љубов се повеќе ќе се развива. Тогаш, кога ќе влезете во некоја врска, нема да влезете во неа поради потребата за љубов. Тоа ќе биде ваш избор. Можете да изберете некого ако го сакате тоа и да ја согледате таа личност онаква каква што е навистина. Ако љубовта на таа личност не ви е неопходна, не морате да се лажете себеси.

Вие сте комплетни. Вашата љубов извира од вашето срце и вие не ја барате љубовта затоа што се плашите од осаменоста. Кога негувате толку љубов кон себе, можете да бидете сами и тоа нема да ви претставува никаков проблем. Задоволни сте кога сте сами, но забавно ви е и со други.

Ако ми се допаѓате и ако се гледам со вас, дали е тоа затоа што сме љубоморни, затоа што јас сакам да ве контролирам или затоа што вие имате потреба да ме контролирате мене? Ако нашиот однос е таков, тогаш во него нема уживање. Ако треба да ме критикувате и проценувате, јас ќе се чувствувам лошо, а тогаш, благодарам. Ако треба да страдам, можеби е подобро да бидам сам. Дали луѓето сакаат да бидат заедно за да создадат драма, за да се поседуваат еден со друг, за да се казнуваат еден со друг или за да бидат спасени? Дали се заедно поради тоа? Се разбира, секоја од тие можности ни стои на располагање, во зависност од нашиот избор. Но што бараме ние навистина?

Кога сме деца – на пет, шест или седум години – го бараме друштвото на другите деца затоа што сакаме да си играме, сакаме да се забавуваме. Не го минуваме времето со друго дете затоа што сакаме да се караме или да правиме драми. Тоа може да се случи, но има краток век. Ние само си играме. Кога ќе почувствуваме дека ни е здодевно, ја менуваме играта, ги менуваме правилата, но не престануваме да истражуваме.

Ако влезете во еден однос за да правите од него драма, затоа што сакате да бидете љубоморни, посесивни, затоа што сакате да го контролирате животот на својот партнер, вие не барате забава туку болка, а тоа и ќе го добиете. Ако влезете во врска од себични позиции, очекувајќи дека вашиот партнер ќе ве направи среќни, тоа нема да се случи. Но тоа не е вина на вашиот партнер, туку ваша.

Кога влегуваме во каков било однос, тоа го правиме затоа што сакаме да уживаме, да споделуваме, да се забавуваме и затоа што не сакаме да ни биде здодевно. Ако бараме партнер, тоа е затоа што сакаме да си играме, да бидеме среќни и да уживаме во она што сме. Не треба да бараме партнер само за да и ги пренесуваме на таа личност, за која тврдиме дека ја сакаме, сиот свој отпад, својата љубомора, својот бес и својата себичност. Како може некој да ви рече: „Те сакам“, а потоа да ве измачува и малтретира, да ве понижува и да ви ја скрати почитта? Таквиот човек можеби тврди дека ве сака, но дали тоа навистина е љубов? Кога сакаме, на оние што ги сакаме им посакуваме само најдобро. Зошто би им го пренесувале својот отпад на своите деца? Зошто да ги малтретираме нив поради тоа што самите ние сме полни страв и емоционален отров. Зошто да ги обвинуваме своите родители за сопствениот отпад?

Луѓето учат да бидат себични и да ги затвораат своите срца. Тие се гладни за љубов не знаејќи дека нивното срце е волшебна кујна. Вашето срце е волшебна кујна. Отворете го своето срце. Отворете ја својата волшебна кујна и не одете наоколу да питате за трошки љубов. Сета љубов што ви е потребна се наоѓа во вашето срце. Можете да ја давате безрезервно; можете да бидете великодушни затоа што во своето срце имате волшебна кујна. Тогаш, сите гладни луѓе, кои веруваат дека срцето им е затворено, секогаш ќе сакаат да бидат во ваша близина, поради вашата љубов.

Она што ве прави среќни е љубовта што потекнува од вас. Ако ја давате великодушно, сите ќе ве сакаат. Ако бидете великодушни, никогаш нема да бидете сами. Ако сте себични, секогаш ќе бидете сами, а за тоа нема да можете да обвинувате никој друг освен себе. Вашата широкоградост секогаш ќе ви ги отвора сите врати, а себичноста никогаш.

Себичноста е последица на сиромашно срце, на уверување дека во себе немаме изобилие љубов. Себични стануваме кога веруваме дека утре нема да добиеме храна. Но кога знаете дека вашето срце е волшебна кујна, секогаш можете да бидете великодушни и безусловно да ја давате својата љубов.

 

извадок од книгата „МОЌТА НА ЉУБОВТА“ од Дон Мигел Руис

(во издание на издавачки центар ТРИ)

 

 

 

 

Последно освежено ( Петок, 18 Септември 2009 13:02 )
 
Коментари (2)
Volsebna kujna
2 Понеделник, 27 Јуни 2011 10:49
Alek 3
Besprekorno korekten tekst na avtorot i vo mnogu navrati beskurpulozna vistina vo vrskite na naseto vreme.Skoro i da nema vrska bez interes i potpolna ljubov pomegju partnerite. Tekstot e odlicen vredi da se pocituvaat parametrite koi gi naveduva avtorot
љубов, кујна и останато...
1 Вторник, 29 Септември 2009 14:44
Митко
Речиси и да нема пасус кој не би го искоментирал или преку полемика или преку контра-аргументација на ставовите на Дон Мигел Руис.

Домашните издавачи многу често имаат проблем со преводи на дела, а ваков тип на текстови се веројатно и почувствителни за превод. Настрана фактот што и самата тема Љубов е проблематична за коментирање.

За да не неправам неправеден грев спрема ДМР и да констатирам дека не ми се допаѓа (стилот на) она што го пишува, ќе се потрудам да обезбедам оригинален текст и да ја елиминирам можноста да конзумирам веќе „дигестиран“ материјал од некој преведувач, кој не отишол подалеку од (блиску до) буквален превод.

За оваа прилика само краток (контра)коментар:

- „Она што ве прави среќни е љубовта што потекнува од вас. Ако ја давате великодушно, сите ќе ве сакаат.“

Голема вистина е првата реченица од цитатот, но со следната ДМР сериозно ја валка. Имено, на оној кој дава Љубов, во смисла на космичка, потполна, обземачка, безусловна Љубов (а вистинската е САМО таква и никаква поинаква), НЕ МУ Е ВАЖНО дали некој му враќа Љубов. Според содржината и тонот на овој дел од ова дело, може да се заклучи: Ако дадеш, ќе ти биде дадено.
Без оглед на тоа дали е тоа ттака или не, тој став нема врска со Љубовта како интегративна енергија во овој Универзум. Тоа е едноставно - трговија, интерес, профит.

Конечно, некои од советите на ДМР ми заличуваат на ситуација во која кога на тимот не му оди, тренерот повикува тајм-аут и на играчите на терен им вели: „Играјте подобро.“
Иако граматички и семантички коректно, советот нема никаква употребна вредност.

Додади го твојот коментар

BoldItalicUnderlineStrikethroughSubscriptSuperscriptImageOrdered listUnordered listQuoteCode
Happy smileyVery happy smileyWinking smileyOh my God !Smiley with tonque outHot smileySad smileyCrying smileyShocked smileyBe Right BackAshamed smileyConfused smileyI dont knowThinking smileyEye-rolling smileySleepy smileyDon't tell anyoneBaring teeth smileyParty SmileySick smileyAngry smileyDevilAngelNerd smileySarcastic smileySecret tellingThumbs upThumbs downClapping handsFingerscrossedLeft hugRight hugBoyGirlMessengerHeartBroken heartRoseWilted roseKissGiftBirthday cakeCigaretteHandcuffsBeer mugDry martiniI'mMoonStarSunRainbowUmbrellaIslandRainStormDinner plateBowlPizzaCoffee cupCatDogBatGoatSnailTurtleSheepFilmstripNoteE-mailCameraLightClockTelephone receiverComputerMobile phoneXboxSoccer ballAutoAirplaneMoneyFilmFilm LinkSoundPictureExclamationRss
Вашиот псевдоним:
Вашата адреса за електронска пошта:
Предмет:
Коментар: